Згаснува ли добиточниот пазар во Облешево ?

Доаѓа ли време кога добиточниот пазар во облешево ќе биде затворен, бидејќи од вторник до вторник во него има се помалку добиток, сточари и трговци, а и прометот е драстично опаднат. Фармерството станува се по неисплатливо, а болестите ќе го сотрат добитокот.

Ако се цени според драстично намалениот промет и празниот добиточен пазар во Облешево, може да се каже дека сточарството во источниот дел на државата бележи сериозна стагнација. Не така одамна овде беше како во кошница од крупен и ситен добиток, од сточари и трговци. Паѓаа договори за купопродажни зделки, се броеја пари и се утовараа и транспортираа камиони со говеда, коњи, свињи, прасиња, јагниња и јариња. Сега ситуацијата е дијаметрално спротивна …

-Донесов јаре и ќурка, ама нема кој ни да пита за нив, а камо ли да ги купи. Ќе морам да си ги вратам назад, дома. Залудно плаќав такса за пазарот, вели одгледувачот Ѓорѓи од Спанчево.

Домашните фарми за одгледување крави, свињи, како и овчарството и козарството, од ден во ден се повеќе пропаѓаат и ги снемува, бидејќи како што велат одгледувачите, неисплатливо е.

Пазарот е празен, како што гледате, а некогаш тука вриеше од народ, од добиток, се броеја пари. Луѓето среќни и задоволни доаѓаа и си заминуваа од Облешево. Сега се како да пропаѓа, коментира разочараниот Ѓорѓи.

Сточарите се жалат и на климатските промени и појавата на разни болести, од кои им страдаат прасињата и другиот добиток. Најсомничавите земјоделци и сточари, кои не сакаат јавно да зборуваат за состојбите, но меѓусебно коментираат дека како некој намерно да го уништува домашното сточарство и фармерство, за сите да зависат од увозното месо, млечни и други производи.

Сподели: