„Коле транс“ ќе ја гради „Стево Теодосиевски“
Изведувачот на работите, избраната фирма по спроведена тендерска постапка, „Коле транс“ од Штип денеска беше воведена во работите за изградба на втората коловозна лента на улицата „Стево Теодосиевски“. Тоа значи дека наскоро ќе почнат работите за изградба на левиот коловоз. Прво ќе се работи на изградба на потпорните ѕидови кај Спортската сала, во должина од 140 м. Новата лента ќе биде долга 500 метри, а градежните работи ќе се одвиваат од Двојниот мост до Туристичката агенција „Вел-јан“
На уредувањето на овој дел од централното градско подрачје се работи три и пол години, од експропријација и отстранување на објектите, до расчистување и создавање услови за изградба на втората лента од булеварот.
За реализација на овој инфраструктурен проект со кој се очекува значително да се подобри протокот на сообраќајот во централното градско подрачје се наменети 10 милиони 550 илјади денари, средства од општинскиот буџет. Во сообраќајните решенија е вклучена и изградба на два нови кружни тека, кај Двојниот мост и „Велјан“.
Проширувањето на „Стево Теодосиевски“, поранешна „Ленинова“ ќе продолжи со уривање на објекти од десната страна на улицата.