И пчелите ќе плаќаат данок

Предлог законот за пасишта во членот 23, предвидува пчеларите да плаќаат за напасување пчели на државни пасишта. Таквата законска регулатива предизвика бура од реакции во јавноста, која на социјалните мрежи дури запраша дали можеби полицијата ќе апси пчели по ливадите. Инаку, напасувањето на пчели се плаќа и сега, само што тоа не е уредено во закон, туку во подзаконски акт.

Во предлогот законот стои дека земјоделските стопанства кои спроведуваат колективно напасување „плаќаат колективна пашарина во висина од 0,3% од просечна нето плата исплатена за минатата година во Република Северна Македонија по грло ситен добиток, живина и пчелни семејства, и 1% од просечна нето плата исплатена за минатата година во Република Северна Македонија по грло крупен добиток“.

Тоа значи дека пчеларите ќе треба да плаќаат пашарина од околу 100 денари годишно по пчелино семејство. Меѓутоа со оглед на користа од пчелите, сопствениците и стручњаците се прашуваат кој кому треба да плати. Од друга страна, прашање е како оваа мерка ќе влијае врз развојот на пчеларството во државата, особено поради влијанието на климатските промени кои ги намалуваат приносите од мед.

Сподели: