Дали телевизиите доброволно им слугуваат на градоначалникот и општината, или …?

ДАЛИ КОЧАНСКИТЕ ТЕЛЕВИЗИИ ДОБРОВОЛНО ИМ СЛУГУВААТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ И ОПШТИНАТА БЕСПЛАТНО, ИЛИ ВО ПРАШАЊЕ Е СПЛЕТ И НА ДРУГИ ИНТЕРЕСИ. ДО КОГА ЗАКОНИТИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ЌЕ ДОПУШТА ВО И ОКОЛУ ОПШТИНАТА ДА МУ ЦАРУВА СУДИР НА ИНТЕРЕСИ? ДАЛИ ТРАНСПАРЕНТНОСТА ШТО ПРЕКУ ЛОКАЛНИТЕ МЕДИУМИ, БЕСПЛАТНО И ДОЗИРАНО ИМ ЈА ПЛАСИРА НА ГРАЃАНИТЕ, ЌЕ ЈА ПОСТИГНЕ ЦЕЛТА ?

Двете локални телевизии и денеска ја снимаа седницата на Советот на Општината, и (ќе) ја емитуваат во рамките на својата програма. Советниците, кој помалу, кој повеќе, дебатираа, одбројувајќи ги последните часови или минути во советничките столчиња, бидејќи до крајот на мандатот преостануваат уште јулската и августовската седница. Некои со надеж дека повторно ќе се најдат на листите на своите партии, за уште еден мандат, бидејќи активно – неактивно, советничкиот мандат носи чист приход од над 12.000 евра за четири години.

За жал, ниту советниците, а уште помалку градоначалникот Николчо Илијев, се сетија да направат барем еден потег со кој би им се оддолжиле на телевизиите за можноста што им ја даваат да ги слушнат и видат граѓаните. Ако ништо повеќе, можеа барем во услови на Ковид 19 кризата да ги ослободат медиумите од фирмарините, бидејќи тие се единствените во општината што одработуваат за нив – бесплатно. Наместо тоа, општината им ги блокираше сметките за доцнењето во плаќањето на овие давачки, за да си ја донаполнат општинската каса. Од друга страна, може да се замисли што ќе дознаат граѓаните за работата на советниците, раководителите на образовни и други институции, јавни претпријатија и слично, без емитувањето на седниците на телевизиите. Веројатно нема ни да знаат кои им се советниците.

Но, што е чудно во целата ситуација? Телевизија Кочани ги снима и емитува седниците, меѓу другото и затоа што тоа го прави другата телевизија. А таа другата снима и емитува затоа што сопственикот е семејно поврзан со одговорната за односи со јавноста, плус вистинскиот сопственик  е советник и заменик градоначалник. И на никој тука не му пречи судирот на интереси, узурпацијата и монополот во информирањето … Повторно најмалку на градоначалникот, кој за се друго се повикува на законите, а за вакви битни прашања и проблеми се прогласува за ненадлежен, или едноставно е незаинтересиран.

Сподели: