В недела, од 10 до 12 часот, најавена блокада на патот Кочани – Штип, кај Чифлик

В НЕДЕЛА ОД 10 ДО 12 ЧАСОТ ЖИТЕЛИТЕ НА ЧИФЛИК НАЈАВУВААТ ПРОТЕСТ И БЛОКАДА НА МАГИСТРАЛНИОТ ПАТ ШТИП-КОЧАНИ, СО БАРАЊЕ ЗА РЕШЕНИЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО ВОДОСНАБДУВАЊЕТО И СО КАНАЛИЗАЦИЈАТА. НЕИЗДРЖЛИВО Е ВО 21 ВЕК, НА 40 СТЕПЕНИ ДА НЕМААТ ВОДА А ФЕКАЛИИТЕ ДА ЗАВРШУВААТ ВО СЕПТИЧКИ ЈАМИ.

Жителите на Чифлик ќе излезат на предупредувачки протест на магистралниот пат Кочани – Штип, на 18. Јули, поради тоа што во 21 век немаат вода во селскиот водовод и немаат канализација. Животот во такви услови, како што велат, е неподнослив, особено во летниот период. Освен тоа трпат чести и големи штети поради дефекти во домаќинствата.

-Со години чекаме да се реши овој насушен проблем, ама никој со прст не мрднува, вели еден од иницијаторите на протестот Борче Христов. Нека дојде некој и нека види како се живее без вода на плус 40 степени Целзиусови.

Иако повеќе пати им било ветувано дека водоводот ќе профункционира, како и канализацијата, сепак се останало на предизборни приказни.Жителите не знаат какво решение ќе понудат надлежните во Општината, бидејќи во оптек се неколку опции, меѓутоа сметаат дека најпрактично ќе биде со приклучување кон кракот кој во Општина Чешиново-Облешево доаѓа од градскиот водоснабдителен систем на Кочани.

Сподели: