Попис 2021: Објавен конкурсот за реонски попишувачи и реонски инструктори
Државниот завод за статистика го објави јавниот конкурс за ангажирање лица кои ќе учествуваат во спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во периодот од 5 до 30 септември 2021 година, во својство на реонски попишувачи и реонски инструктори.
Потребниот број реонски попишувачи и реонски инструктори што ќе се изберат е по пописни реони и според јазикот на кој ќе се врши попишувањето. За Кочани, како седиште на пописниот реон кој ги вклучува и општините Чешиново-Облешево и Зрновци, се потребни 104 попишувачи и 11 инструктори.
Кандидатите што ќе се пријават на овој конкурс треба да се државјани на Република Северна Македонија, да се полнолетни, да имаат завршено најмалку средно образование и да немаат засновано работен однос. Исто така, треба да имаат и познавање на работа со персонален компјутер. Изборот на пријавените кандидати ќе се врши со проверка за познавање на општи работи од областа на статистиката и познавање на работа со персонален компјутер.
Пријавувањето е до 5 август 2021 г., исклучиво со пополнување и доставување на електронска пријава која е достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика.
Конкурсот е објавен и на веб-страницата на Општина Кочани.