Кочани во обрач од пожари

Околу Кочани попладнево гори како во Турција. Речиси сардисано од огнената стихија е Бели, околу кое гори на ридот над селото, но и на просторот помеѓу Бели и градот. Селаните се излезени да спасуваат што може да се спаси од лозови и други насади, но и пчеларници, полски куќички и поголеми објекти. Жителите на Белското Маало во градот се излезени на улиците и коментираат што се случува и што може да се случи. Излетници на Пониква се јавуваат до Телевизија Кочани и Актуелности, со барање информација за проодност на патиштата помеѓу Пониква и градот и селата Нивичани и Пантелеј и Кочани. Густата чад која се ѓири од Бели кон градот делува застрашувачки и загушувачки. Во овие моменти не е препорачливо движење на овие релации. Поради опасност од загушување од густа чад.

Истовремено, пожар се шири и на потегот кон Јастребник и Полаки, на исклучително тежок и непристепен терен. Противпожарните единици се растрчани меѓутоа, нема шанса да се справат со огнената стихија која е има зафатено огромна површина, а ветерот ја шири неконтролирано. Дознаваме дека пред неколку минути е блокиран и патот од Кочани кон планинските реони. Како што сега стојат работите, пред жителите на периферниот дел од градот и од Бели е долга и неизвесна ноќ.

Сподели: