Кочани градилиште – Кочани под режими
Од еден до друг режим во сообраќајот, кои се надоврзуваат последователно речиси цела година во централното градско подрачје, Кочани полека се претвора во град на режими и комплицирани кружници. Застои, колони од паркирани и возила во движење, небезбедни свртувања покрај кружните текови, е секојдневната слика на главните кочански улици, кои летово се додатно оптоварени со повратниците од странство. Сето тоа на 40 плус степени Целзиусови, кои на асфалтот, каде го има, се за десетина степени повисоки. Одговорните повикуваат на трпение, ама на улица се е поинаку.
Прашањето е дали некој има стратегија кога и што гради, и дали се води сметка да не се доведе во прашање нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот. Претпоставка е дека не дошол нож до коска, па во два три месеци да се копаат улици и тротоари, кружни текови, да се уриваат стари куќи, да се асфалтира дел по дел, да се поставуваат бекатон плочки, да се ѕидаат потпорни ѕидови, да се прекопува градскиот парк … Небарем се што е пропуштено ќе се надомести и до изборите ќе се направи, па после кочанци само ќе уживаат.
Тоа што предизвикува нервоза кај граѓаните е бавното и на некој начин, на рати, реновирање на главните улици, кои цело лето им создаваат проблеми на пешаците, на велосипедистите и на возачите. Луѓето реагираат, ама јавно никој не помислува да коментира, веројатно поради премногу демократија. Едни се прашуваат како ќе се снаоѓаат пешаците кои се движат од автобуската кон фабриките во источниот дел на градот, по десната страна, особено кај кружните текови, каде и пешаците ќе се движат кружно, иако не се знае какво ќе е поврзувањето.
Други стравуваат од премините кај кружните текови кај Лук Оил, каде од септември ќе минуваат стотици ученици од прво до девето одделение, плус другите пешаци, каде тротоарите пред „Кузе“ се стеснети, пред Агенцијата за вработување и бараките, уште повеќе, а кај бензинската се прекинати.
Едно е сигурно, возачите, мотоциклистите, велосипедистите и пешаците во иднина ќе мора да се вистински виртуози, за да ја поминат дестинацијата од Целулозата до „Вел Јан“, и обратно. Особено камионџиите и автобусџиите.