Фудбал и хуманост на „Никола Мантов“
И фудбал и хуманост покажаа домаќинот „Осогово“ и гостите од Радовиш „Плачковица“, на пријателскиот натпревар организиран на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани. Истовремено, извонреден гест на управата на жолто-сините, која не заборави да му се заблагодари на големиот Лазо Балдазаров, голманската легенда на Кочани и Македонија. Шефот на стручниот штаб на „Осогово“, Александар Андонов, не внукот на Балдата му подари дрес на клубот, за сеќавање и чување на спомените.
Публиката која од спортски и хумани побуди дојде на стадионот, ја имаше привилегијата да види мошне добар натпревар, во кој двете екипи имаа свои моменти, а на крајот победи Осогово, со голот на Тоше Манов. Радовишани, предводени од Крсте Крстев, покажаа дека се на добар пат експресно да се вратат во второлигашкото друштво.
Осогово од друга страна покажа дека сеуште е во фаза на дефинирање на составот и барање на своја игра, која треба да му обезбеди опстанок во второто по квалитет натпреварување во државата.
Средствата од платените влезници на публиката на стадионот „Никола мантов“ и од донациите, се уплатени на сметката за лекување на малиот двегодишниот Јаков, кој како што дознаваме веќе е во Турција, каде ја продолжува својата храбра борба за живот.