И по 4 години без нови содржини на Пониква
ПО СИЛНИТЕ НАЈАВИ ЗА РАЗВОЈ И ВРАЌАЊЕ НА СЈАЈОТ НА „ПОНИКВА“, ОСТАНАА САМО ПРАЗНИ ВЕТУВАЊА, БИДЕЈЌИ ОД НОВИ СОДРЖИНИ НЕМА НИШТО. ЦЕНТРАЛНИОТ И НАЈАТРАКТИВЕН ДЕЛ ПРЕТВОРЕН ВО ГРАДИЛИШТЕ, УРЕДЕНИ И ОБЕЛЕЖАНИ ПАТЕКИ ЗА ПРОШЕТКИ ВО ЛЕТНИОТ ПЕРИОД НЕМА, ПА НА ТУРИСТИТЕ КАКО ПРИДОБИВКА ИМ ОСТАНУВА САМО ЧИСТИОТ ВОЗДУХ.
Бавно, пребавно оди развојот на спортско рекреативниот центар Пониква, од сите аспекти. За четири години само нов слој на патот од Кочани до аеродромот, поправени ски лифтови и започнато реновирање на една од касарните, во рамките на Проектот „Осогово-велосипедски рај“. А во средиштето на центарот патот од паркингот до манастирот во катастрофална состојба, патот кон Мотелот „Кај Мице“ раскопан и неасфалтиран, планинскиот амбиент екстремно нарушен и претворен во градилиште, Браната на Арамиска Чешма сеуште само на хартија, осветлувањето на одредени делници не постои … Со еден збор на туристите им остана само чистиот воздух, бидејќи се други помалку или повеќе е узурпирано, уништено и деформирано. Се чека само да падне првиот снег, за да го покрие раскопаниот асфалт, и површините околу него, претворени главно во паркиралишта, за се да биде бело.