Истражни постапки кај ловниот концесионер „Текстил“

ДАЛЕКУ ОД ЈАВНОСТА, ЛЕТОВО СЕ ВОДАТ ИСТРАЖНИ ПОСТАПКИ ЗА СТОПАНИСУВАЊЕТО НА КОНЦЕСИОНЕРОТ „ТЕКСТИЛ“ ОД СКОПЈЕ, КОЈ ГИ ДРЖИ ДВЕТЕ НАЈАТРАКТИВНИ ЛОВИШТА ВО ОПШТИНА КОЧАНИ, ПОРАДИ ШТО ЛОВЦИТЕ ЧЛЕНОВИ НА ИСТОИМЕНОТО ЗДРУЖЕНИЕ СЕ ВО НЕИЗВЕСНОСТ ДАЛИ ЌЕ СЕ ОРГАНИЗИРА НАРЕДНАТА ЛОВНА СЕЗОНА. ИСТОВРЕМЕНО СЕ ПОСТАВУВА ПРАШАЊЕТО ДАЛИ ЌЕ СЕ СПРОВЕДАТ СИТЕ ЛОВНОСТОПАНСКИ АКТИВНОСТИ ВО ПРЕСРЕТ НА СЕЗОНАТА

На неполни два месеца пред стартот на ловната сезона за одстрел на крупен дивеч, како и на зајак и еребица, ловците членови на Ловното здружение „Текстил“, кое ги поседува концесиите за двете ловишта во полскиот и дел од планинскиот реон, се во неизвесност дали ќе се организира лов. Неофицијално, концесионерот размислувал да ја откаже концесијата, под притисок на полициски истраги и судски постапки. Телевизија Кочани од ловци, членови на Здружението, дознава дека имало пријави за нерегуларности и противзаконско организирање на ловната сезона, со нефункционирање на ловочуварската служба, непријавување на дневниот отстрел на ловците, учество на ловци во ловот без дозвола за лов и регулиран ловечки статус и редица други аномалии.

Инаку, овој концесионер на почетокот од стопанисувањето со ловиштата имаше воведено дозволи во три категории на ловци, со цени од 4.000 денари, 6.000 денари и 12.000 денари, при што последните можеа да ловат секојдневно во текот на ловната сезона. Од друга страна, за сите изминати години, ниту еднаш јавно не беа објавени податоците околу бројноста на дивечот, потоа околу вкупниот број одстрелани примероци на крајот на сезоната, нема информации дали е вршено населување на див зајак и еребица.

Со оглед на фактот дека не се знае епилогот од истражните и други законски постапки, останува неизвесно дали на двете ловишта на „Текстил“ ќе се организира лов, и каква ќе биде нивната понатамошна судбина.

Сподели: