Отштети за каснувања од кучиња ги празнат буџетите на поедини општини
ПРОБЛЕМОТ СО КАСНУВАЊАТА ОД КУЧИЊА И ИСПЛАТАТА НА ОТШТЕТИ ВО ПОЕДИНИ ГРАДОВИ „ВРТИ“ ЗНАЧАЈНИ СРЕДСТВА, НА ИСТОКОТ Е НЕЗНАЧИТЕЛЕН. ВЕЛЕС ГОДИШНО ИСПЛАЌА ПО ДВА-ТРИ МИЛИОНИ ДЕНАРИ. ВО КОЧАНСКО-ВИНИЧКИОТ РЕГИОН САМО ОДВРЕМЕ НАВРЕМЕ ЌЕ СЕ ЈАВИ ПО НЕКОЈ СЛУЧАЈ, КОЈ СЕ РЕШАВА СУДСКИ ИЛИ СПОГОДБЕНО.
Проблемите со кучињата скитници во поедини општини во државата полека но сигурно се претвораат во еден вид бизниси, особено во делот на нападите од незгрижените пријатели на луѓето, каснувањето и обештетувањата по тој основ. Граѓаните коментираат дека поединци намерно ги провоцираат кучињата да ги нападнат и потоа бараат отштета. Во Скопје како најголем град во државата оваа појава е најчеста и повлекува значајна сума на средства од општинскиот буџет. Меѓутоа, не заостанува на пример и Општина Велес, каде секоја година за плаќање на отштети се исплатуваат помеѓу два и три милиони денари. Само за шест месеци оваа година, од буџетот на Општина Велес се исплатени 2,13 милиони денари или околу 35.000 евра. А до надлежните служби во општината стигнале вкупно 34 пријави од оштетени граѓани. Интересно е дека во 2020 година биле исплатени 2,7 милиони денари за 69 случаи, и во 2019 година 2,3 милиони.
Дека во источниот дел на државата овој „бизнис“ не е развиен, зборуваат податоците од општините, според кои во некои за една година нема ниту една претставка по основ на каснување од куче, а во други на прсти можат да се избројат таквите случаи. На пример, во Општина Виница во последните четири години е регистрирана само една пријава за каснување и барање отштета. Во Кочани неофицијално, имало неколку случаи, меѓутоа отштетата главно била на товар на сопствениците на куќните чувари или миленици. Незначителен е бројот и во помалите општини Зрновци и Чешиново-Облешево.
Во секој случај проблемот е загрижувачки во поедини општини, каде се исплатени огромни суми од буџетот по тужби на граѓани, наместо истите да се инвестираат во инфраструктурни проекти.