Наместо градежна козметика, ќе понудиме капитални објекти
Најнапред дозволете ми да изразам благодарност до претседателот, централните и локалните органи и тела на ВМРО ДПМНЕ за укажаната доверба да бидам кандидат за градоначалник на Општина Кочани.
Чест и значајна одговорност е да добиеш можност да бараш поддршка за да го водиш градот во кој си се родил, израснал, си се школувал, си основал семејство и стекнал многу пријатели.
За жал во изминатиот период во Кочани се изгуби енергијата и надежта на граѓаните за подобра иднина. Нема нови поголеми директни инвестиции, хаосот во сообраќајот е неподнослив, политиката на неказнивост ненадлежноста и непреземањето одговорност стана редовна пракса. Кочани се соочува со градежна козметика на инфраструктурата и нефункционални решенија. Ваквиот начин на управување мора да стане минато.
Кочани заслужува модерен и одржлив развој, способно и одговорно справување со современите ризици од климатски, здравствен и сигурносен аспект. Заслужува да се создадат предвидливи услови за граѓаните да ја препознаат својата иднина во родното место.
Со тимска работа во која ќе доминираат стручните знаења и способности, широка институционална соработка, чесност и транспарентност ќе работиме на остварувањето на овие поставени цели.
Ќе бидам отворен за прифаќање на сите корисни идеи, мислења и сугестии за просперитетот на Кочани. Достигнувањето на современи стандарди во клучните сфери на општественото живеење ќе биде приоритет за новата локална власт.
Наместо залудно трошење на парите на граѓаните само во предизборие, јас ветувам дека постојано ќе се води грижа за реалните проблеми на градот и локалните места.
Верувам дека сите заедно ќе донесеме промени кои ни се неопходни за да ја унапредиме нашата општина.