Кој се може да биде градоначалник ? Секој !!!?
ВО ВРЕМЕ КОГА КАНДИДАТОТ НА ВМРО ДПМНЕ Е ОБЈАВЕН, НЕЗАВИСНИОТ Е ИЗВЕСЕН, А НА СДСМ ВО ИСЧЕКУВАЊЕ, НА ПЕДЕСЕТИНА ДЕНА ПРЕД ИЗБОРИТЕ, ГРАЃАНИТЕ, РАСТРГНАТИ ПОМЕЃУ ТОА ШТО ИМ СЕ НУДИ И ШТО ПОСАКУВААТ, ДО 17 ОКТОМВРИ ТРЕБА ДА ИЗДЕФИНИРААТ – КАКОВ ПРОФИЛ НА ГРАДОНАЧАЛНИК БИ БИЛ НАЈПРОДУКТИВЕН. ДОДЕКА НЕЗАВИСНАТА КАНДИДАТКА ВО СКОПЈЕ ВЕЛИ ДЕКА ЗА ДВЕ ГОДИНИ ЌЕ ГИ РЕАЛИЗИРА СИТЕ ВЕТЕНИ ПРОЕКТИ, ВО КОЧАНИ ПОЛА МАНДАТОТ СЕ ТРОШИ ЗА ДА СЕ „НАУЧИ ЗАНАЕТОТ“. ЗАТОА ДАЛЕКУ ПРЕД КОЧАНИ СЕ ГОЛЕМИОТ ШТИП, АМА И МАЛАТА ВИНИЦА.
Промовирајќи се по медиумите, независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска, меѓу другото кажа една теза која подолг период ја застапува и уредникот на „ТВ Кочани“. Таа вели: „Моето лично убедување е дека функцијата градоначалник или прв човек на нашиот град Скопје, не треба да биде да гребе асфалт …“. Сведено на ниво каква што е општина Кочани, тоа значи не се бива голем градоначалник со улици, тротоари и реновирања, бидејќи тоа го правеле и ќе го прават сите градоначалници. Кој помалку, кој повеќе. Одамна е поминато времето на некогашниот општински претседател Тодосија Паунов, иако тој направи неспоредливо многу повеќе од сегашните. Ова врема бара модерен тип на градоначалник. Менаџер. Човек кој ќе знае да донесе големи проекти, долгорочни инвестиции заради отворање работни места. Трошењето време на градилишта за патна инфраструктура наликува на провидно манифестирање голема ангажираност и посветеност, бидејќи таа не е ефективна за општината и за граѓаните. Впрочем, стручњаци за архитектура и градежништво во општинската адимистрација има.
Интересен е и ставот на Арсовска, дека за две години ќе ги реализира сите предизборни проекти, за во вторите две да надоградува нови. Ова особено ако се знае дека кај нас пола мандат се троши да се „научи занаетот“.
Ваквите и други размилувања за профилирањето на идниот носител на градоначалничката функција може да бидат од особена важност, доколку во преден план не е дали ќе владее кадар на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ, туку капацитет кој ќе ги решава суштинските потреби и прашања на граѓаните и ќе направи голем исчекор во развојот. А тоа се прави со иградба на браната „Речани“ , со бањолошко ефектуирање на топлата вода, со финална преработка на земјоделските култури, пред се оризот, со нови содржини на Пониква, со иградба на репрезентативна спортска сала, и конечно и најмногу, со привлекување на крупни инвестиции и отворање нови работни места.