За градоначалници сепак ќе трчаат само по двајца ?

ИАКО И НЕКОИ ПОМАЛИ ПАРТИИ НАЈАВУВАА, А СЕ ОХРАБРИ И ЕДЕН НЕЗАВИСЕН, СЕПАК ВО ТРКАТА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА КОЧАНИ НАЈВЕРОЈАТНО ЌЕ УЧЕСТВУВААТ САМО КОАЛИЦИИТЕ ПРЕДВОДЕНИ ОД ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ. ВО ЧЕТИРИТЕ ОПШТИНИ КОЧАНИ, ВИНИЦА, ЧЕШИНОВО-ОБЛЕШЕВО И ЗРНОВЦИ, ВО ТРКАТА ЗА СОВЕТНИЧКИ МАНДАТИ ЌЕ УЧЕСТВУВААТ ПЕТ НЕЗАВИСНИ ЛИСТИ. НА 11 СЕПТ. ИСТЕКУВА РОКОТ ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ ЛИСТИ ОД СТРАНА НА ПАРТИИТЕ.

Кога е во прашање трката за градоначалник на Општина Кочани, се чини преостанува само уште една дилема, дали Николчо Илијев ќе му се спротивстави на Љупчо Папазов, како претставници на двата најголемо блока. Ова поради фактот дека независниот кандидат за градоначалник Мертин Кировски на неколку часа пред истекот на рокот за собирање потписи не пројавува соодветна активност, што значи дека нема да го исполни условот за да се вклучи во трката за најпрестижната функција во градот.

И денеска нема најава како ќе се одлучат СДСМ и Николчо Илијев, дали ќе трчаат круг за уште еден мандат, или пак владејачката партија ќе бара друго, односно партиско решение. Истовремено, факт е дека и во партијата и пошироко, преовладува мислењето дека работата е договорена, но се чека последниот момент за да се официјализира.

Што се однесува до листите за советници, во општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, јасно е дека покрај двете на најголемите партии, во трката за советнички мандати ќе се впуштат Левица и двоецот ДОМ и ЛДП, како и четири независни листи. Во Кочани тоа се листите предводени од Аки Акиов и Венко Крстевски, во Зрновци од Владо Ристов и во Чешиново-Облешево од Франческо Наков. Во Виница покрај двете најголеми партии, во битката за советници ќе се вклучи и независната листа на Сејдо Селиов.

Што се однесува до советничките листи на партиите, рокот за поднесување е до 11. Септември.

Сподели: