Двата блока сигурни во победа, градоначалник ќе биде еден, или Папазов, или Илијев

На два дена пред истекот на рокот за поднесување кандидатури за градоначалници, се поизвесно е дека во Кочани битката за престижната фотеља ќе ја водат двата најголеми политички блока СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Адутот на опозициската партија, Љупчо Папазов, против адутот на СДСМ Николчо Илијев.  Двајцата партиските доверби ги добија по спроведени анкети меѓу граѓаните, кои покажале убедлива предност на едниот и другиот меѓу гласачкото тело и сопственото членство. Според ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Папазов е сигурен победник и иден градоначалник на Кочани. Според СДСМ пак, Николчо Илијев е фаворит за втор мандат и ќе победи на локалните избори. А вистината е дека само еден од двајцата ќе ја добие довербата на граѓаните за наредниот четиригодишен мандат, најверојатно во првиот изборен круг, или евентуален втор круг.

Едно е сигурно. Предизборните програми на кандидатите за тоа што планираат да направат во четиригодишниот мандат  сигурно ќе имаат значајно влијание при определбата на граѓаните. Но како и при сите изборни циклуси, значајно влијание врз расположението и определбата на гласачите ќе имаат актуелните состојби на државно ниво, особено од аспект на стандардот на граѓаните, корупцијата, протекционизмот, иселувањето на младите и низа други компоненти од кои зависи квалитетот на животот на граѓаните.

Сепак, за очекување е дека кампањата, која ќе започне на 27-ми септември и ќе трае се до предизборниот молк, пред 17-ти октомври, ќе им разјасни многу работи на граѓаните, и покрај тоа што од двата штаба најавуваат позитивни кампањи. Со спортски жаргон кажано, маку е веројатно дека двата опоненти ќе одиграат фудбалски натпревар без фаули, жолти и црвени картони, па дури и без голови…

Сподели: