Крај на жетвата, не и на проблемите

КАКО ТРГНАЛО, КОЈ КАКО ЌЕ ОЖНЕЕ ОБЈАВУВА КРАЈ НА ЖЕТВАТА, ПА ВО МЕДИУМИТЕ ПО НЕКОЛКУ ПАТИ СЕ ОКОНЧУВА ЖЕТВЕНАТА КАМПАЊА. МУ ТРЕБА ЛИ НА ОРИЗОПРОИЗВОДСТВОТО И НА РЕГИОНОТ ТЕЛО КОЕ ЌЕ КРЕИРА СТРАТЕГИЈА И ДОЛГОРОЧНИ ПОЛИТИКИ, ЗАРАДИ ПОКВАЛИТЕТНО ПРОИЗВОДСТВО И ПОДОБРИ ФИНАНСИСКИ ЕФЕКТИ. ТРАНЗИЦИЈАТА ЌЕ ГИ УНИШТИ И ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ И КУЛТУРИТЕ.

Тоа што денеска некои национални медиуми објавија дека жетвата на оризот во Кочанската Котлина завршила, е само уште еден доказ дека практични ниту на регионално, ниту на државно ниво има стратегија за оризопроизводството. Всушност ниту има институција, ниту некакво здружение, кое ќе објави почеток и крај како на сеидбата, така и на жетвата на оризовата култура. Некогаш за тоа постоеше Групацијата за ориз, која низ заеднички состаноси со сите инволвирани страни, дефинираше правила на игра и спроведување на стратегии.

Определбата пазарот, односно пазарната економија да ги диктира работите, барем во сегашни услови на транзиција, се покажа како погрешна, бидејќи во сите сегменти оризопроизводството бележи стагнација. Почнувајќи од намалување на површините, преку намалено производство, до шаренило на сортната застапеност, лошата откупна политика, девалвирачките цени. Како тргнало стагнацијата се очекува и во наредниот период, се додека земјиштето не се сконцентрира во неколку големопоседници, кои практично ќе ги диктираат правилата на игра на пазарот. Но тоа е процес кој ќе трае со децении, а дотогаш многу вредности ќе бидат девалвирани.

За да се стави некаков ред во оваа земјоделска гранка неопходно е да се формира тело составено од производители, здруженија на земјоделци, откупувачи и преработувачи и трговци, потоа производители на семенски материјал, снабдувачи со вештачки ѓубрива и хемиски препарати, како и водостопанственици, кое ќе креира и договора политики за што поуспешно производство и поголеми финансиски ефекти, како за земјоделците, така и за претпријатијата, за општината и за државата.

Сподели: