Со дневни дозволи активирани ловиштата Подлог и Бање

СО ИЗДАВАЊЕ ДНЕВНИ ДОЗВОЛИ НА ЧЛЕНОВИ НА ЛОВНИ ЗДРУЖЕНИЈА, ПОДРУЖНИЦАТА „ОСОГОВО“ НА МАКЕДОНСКИ ШУМИ, ОВОЗМОЖИ ЛОВ И НА ТЕРЕНИТЕ СО КОИ ДО НЕОДАМНА СТОПАНИСУВАШЕ КОНЦЕСИОНЕРОТ „ТЕКСТИЛ“ ОД СКОПЈЕ. ИЗМИНАТИОТ ВИКЕНД ЛОВЦИ ОД ОКОЛНИТЕ ОПШТИНИ ГИ ПРЕТРЕСОА ТЕРЕНИТЕ ВО АТРАКТИВНИТЕ ЛОВИШТА ВО ПОТРАГА ПО ДИВИ СВИЊИ И ДРУГ ДИВЕЧ.

Изминатиот викенд кочанските две ловишта со кои стопанисуваше Концесионерот Текстил од Скопје, кој оваа сезона не организира лов, повторно беа полни со ловци од населените места во опкружувањето. Ловечката среќа си ја пробаа групи од Кочани, но и од општините Чешиново-Облешево, Зрновци, Пробиштип. Се работи за организирање лов од страна на Подружницата Осогово, на Македонски Шуми, кои за додатни 100 денари за дневна дозвола по ловец, овозможуваат лов на овие атрактивни терени, населени главно со дива свиња, зајак и еребици. Објаснувањето е дека се работи за санитарен лов поради болеста Африканска чума, кој ќе трае до крајот на сезоната.

Дали ловците во сабота и недела имале успешен ден, нема официјална информација, бидејќи никој не води евиденција за бројноста на дивечот, а уште помалку за отстрелот. Меѓутоа ловците сведочат дека имало траги од диви свињи, дека се видени неколку групи и дека имало и пукање.

Инаку овие терени на подножјето на Осоговските планини се традиционално богати со дивеч, бидејќи граничат со полињата полни со храна, која е добродојдена особено за дивите свињи. По кочанско се шират муабети како тие опустошиле ниви со јачмен, компиришта, оризишта, лозја и градини со зеленчук. И како биле забележани и околу најсредишните полски села.

Сподели: