Почна реконструкцијата на улицата „Роза Петрова“
Почнаа активностите за реконструкција на еден километар од коловозот и на тротоарот од улицата „Роза Петрова“. Во тек се интервенции на пешачката зона од десната страна, каде се врши ископ, тампонирање и промена на постојните рабници во должина од 800 метри.
Според Драги Илијевски, раководител на Одделението за уредување на градежно земјиште во Општина Кочани, работите ќе продолжат со гребење на асфалтот од вкрстувањето на улицата „Роза Петрова“ со „Ристо Симеонов“, до спојот со улицата „Страшо Ербапче“, во близина на Општа болница.
Изведувач на работите е градежната компанија „Ве-груп“ од Радовиш, а реконструкцијата на „Роза Петрова“ се реализира со 5,5 милиони денари од Бирото за регионален развој и кофинансирање од 2.700.000 денари од Буџетот на Општина Кочани.
„Роза Петрова“ е една од најфреквентните улици во Кочани, која поврзува дел од неколку големи населби во градот: Текешински Лозја, Драчевик, Калиманова Глава и Валог. Изградбата на неколку нови колективни објекти за домување дополнително го зголеми нејзиното сообраќајно значење, а таа е една од комуникациските врски на западниот влез на Кочани со туристичкиот локалитет Пониква. Со реконструкцијата ќе се поправат оштетувањата и ќе се подобри сообраќајната сигурност на овој дел од градот.