„Жешки компири“ за новиот градоначалник

ПОКРАЈ НЕКОЛКУ ЗАПОЧНАТИ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ЧИЈА РЕАЛИЗАЦИЈА Е ИЗВЕСНА, ПРЕТХОДНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА АКТУЕЛНИОТ МУ ОСТАВИ И НЕКОЛКУ „ЖЕШКИ КОМПИРИ“, СО КОИ ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ СПРАВУВА. ИЗГРАДБАТА НА ТИПСКИТЕ КУЌИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА ОД СТАРАТА КАСАРНА, МИНИХИДРО ЦЕНТРАЛАТА НА МАЛА РЕКА, НЕРЕШЕНОТО ЗАГАДУВАЊЕ, СЕ САМО ДЕЛ ОД ПОВЕЌЕТО.

Кои „жешки компири“ му паднаа в раце на градоначалникот Љупчо Папазов, со кои ќе треба да се справува во текот на мандатот, е прашање кое привлекува посебно внинание во јавноста. И не само во јавноста, бидејќи и новиот состав советници уште од првите седници започнаа со препукувања како ќе се реализираат поедини проекти.

Изградбата на типските куќи за семејствата кои живеат во Старата касарна, остана нереализирана желба на претходниот градоначалник, главно поради несоодветно наметнатата локација, која засегна други граѓани.  Сега кога проблемот е создаден, ќе биде потешко да се најде компромисно решение, иако не е невозможно. Особено ако се оди според народната мудрост, на подарен коњ не му се глед во забите.   Тоа што остава дилема е и судбината на старата касарна, дали да се урива или може да се искористи како основа за некој друг објект.

„Жежок компир“ е и изградбата на Мини хидроцентрала на Мала Река, кој претходниот Совет на општината, заедно со градоначалникот, вешто го ескивираа и им го оставија во наследнство на актуелните. Дали државата ќе ги решава во пакен овие енергетски капацитети, или општината референдумски ќе се спротивстави, веројатно ќе се знае за релативно кусо време. Иако, покрај Мала Река, идентичен проблем можат да предизвикаат и планираните минихидроцентрали на Голема Река.

За граѓаните можеби најжешкиот проблем доаѓа од аспект на загадувачите и загадувањето, кои во одредени денови го истакнуваат Кочани меѓу најзагадените градови во државата. Лани општината ангажира фирма да ги утврди загадувачите и загадувањето, се субвенционираа еколошки грејни тела и велосипеди, ама денеска, на пример, Кочани е најзагаден град во државата.

Сподели: