Опозицијата не му ги дава ни стоте дена на Папазов
Политички некоректни и бесцелни се обвинувањата на ОО на СДСМ кон новоизбраниот градоначалник Љупчо Папазов, визави каматата кон Авто Атом, бидејќи човекот сеуште асално не седнал во кабинетот и без конкретна можност директно да започне да го реализира мандатот. Демократските принципи налагаат да му се остават да ги одработи барем стоте дена, па потоа доколку има материјал, да се критикува практицирањето на власта, што е работа на опозицијата.
Но, не е поентата во овој случај да се зазема страна. Напротив. Целта е работите на се постават на вистинските места, заради евентуална продуктивност на препукувањата. Ако СДСМ знаеле дека „каматата од 8. Милиони денари“ била наменета за кампањата на Папазов, требала тоа да го пријави, или аргументирано да ги оспори изборите. Вака сегашните обвинувања наликуваат на плачење по пораз, кога, нели, секој има право да се лути.
Разликите и разидувањата околу цената на превозот до Грдовци, која варира од неверојатни 15 до уште поневеројатни 120 денари, се одамна завршена работа. Ако за четири години некој не нашол за потребно тоа да го расчисти, притоа плаќајќи ја 4-5 пати поголемата главница, илузорно е сега од тоа да се прави случај. Посебно ако парите требало до крајот на годината, или да се исплатат или да се вратат во државниот буџет, од каде некој можел, на пример, да ги почести Арачиновци, по примерот на пола милионот евра кои завршија на сметката на оваа „заслужна“ општина. Под услов ако не се премалку.
Љупчо Папазов, како и Николчо Илијев, се граѓани на Кочани. Сигурно ни едниот ни другиот не би се ставиле во ситуација да се доведат во ситуација на одговорност, било на крајот или на почетокот на мандатот, и да си го стават на коцка образот заради интересите на било која фирма, судска пресуда или каматен долг. И затоа нема логика да се девалвира изборот на граѓаните, колку и да е изразен со мала разлика. Уште помалку да се пласираат инсинуации за финансиски малверзации за време на изборите и по нив-без докази. Без оглед што има право да се лути тој што губи, како што во 2005-та бескорисно се лутеа поразените по вториот изборен круг.
Како и да е, Папазов, како и сите негови претходници, заслужува да му се остават стоте дена да ги повлече првите потези, да го покаже концептот на практицирање на функцијата, да се видат првите потези, бидејќи потоа опозицијата и сите критички настроени граѓани ќе имаат цели три ипол години да оценуваат, да критикуваат или фалат.