Љупчо Папазов го фати кормилото
ОТКАКО ГИ ИСПОЧИТУВА КОВИД МЕРКИТЕ, ПО СОЗНАНИЕТО ОД 10 НОЕМВРИ, ДЕКА Е ПОЗИТИВЕН, ЉУПЧО ПАПАЗОВ ДЕНЕСКА И СЕ ВРАТИ НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ФУНКЦИЈА СО ДИРЕКТНИ АКТИВНОСТИ ВО ОПШТИНАТА. ВО ПРВИТЕ ДВАЕСЕТИНА ДЕНА ПО ПРИМОПРЕДАВАЊЕТО, ПАПАЗОВ СО ЛОКАЛНИТЕ АДМИНИСТРАТИВЦИ И СЛУЖБИ ФУНКЦИОНИРАШЕ ОНЛАЈН И СО ПОСРЕДСТВО НА ТЕЛЕФОНСКИ КОНТАКТИ.
Градоначалникот Љупчо Папазов, кој на локалните избори ја доби довербата на граѓаните, а на 8 ноември, официјално ја прими функцијата од неговиот претходник, Илијев, денеска конечно влезе во општинската зграда за непосредно да се зафати со секојдневните обврски и задачи. Паузата од директното практицирање на функцијата започна на 10 ноември, откако објави дека е позитивен на Ковид 19, поради што остана на домашно лекување и во изолација дваесетина дена.
Во изминатите дваесетина дена тековните активности на релација со службите ги извршуваше он лајн и со телефонски контакти. Покрај тоа, како последица на изолацијата, градоначалникот Папазов не присуствуваше на првите седници на Советот, на кои беше прозван од дел од опозициските советници. Сепак, најбитно е што од денеска па натаму со максимален личен капацитет ќе може да се вклучи во спроведување на зацртаните проекти и активности во остварувањето на интересите на граѓаните.