По тригодишен сон – будење со селективно сеќавање

Добро е. Конечно на новинарската сцена се враќа локалната Канал 8 Телевизија, без оглед што граѓаните сеуште не знаат чија е. Дури и низ призмата на една „флоскула“ и „кратко паметење“ на поедини советници, кои ја разбудија од тригодишниот сон во закрилата на претходната власт, кога се комодираа со стварен и лажен газда, и кога не им пречеше да работат бесплатно (ако било бесплатно?), вртејќи им грб на иницијативите и барањата на другите медиуми за средства од општинскиот буџет. Дури и по цена да останат со само еден-двајца вработени. И дури и во услови на Ковид криза. Чудно, како тие три години парите биле небитни, доминирала „добрата воља“ на вработените, а сега сработеното требало да се плати. Или тогаш во прашање беше „да му умре козата на комшијата“!?

Да, Телевизија Кочани нема лажни и стварни газди-сопственици и во нејзините темели е вградено новинарството, а не бизнис-политички интереси. Таа не била користена некој да стане советник и заменик градоначалник. Но и тогаш и сега ќе застане подеднакво со другите локални медиуми во барањата општината да покаже одговорност и грижа за информирањето, како еден од столбовите на демократијата и значајните сегменти на функционирањето на заедницата. Не за да и угоди на власта, туку да биде нејзин конструктивен и критички коректор, и над се сервис на граѓаните. Истовремено и мост за проток на информации во двата правца на релација граѓани-локална власт, и пошироко. Дотолку повеќе што нечија непримерна приврзаност, покорност и сервилност се покажаа како непродуктивни во изминатите три-четири години.

Сподели: