Замрзнување на одамна замрзнатиот ориз

ИАКО ЗАМРЗНУВАЊЕТО НА ЦЕНАТА НА ОРИЗОТ, ПОКРАЈ МНОШТВО ДРУГИ ПРОИЗВОДИ Е ВО ФУНКЦИЈА НА ЗАШТИТА НА СТАНДАРДОТ НА ГРАЃАНИТЕ, СЕПАК КОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА БЕЛОТО ЗЛАТО РЕАКЦИИТЕ СЕ ГЛАВНО САРКАСТИЧНИ, БИДЕЈЌИ ОВОЈ ПРОИЗВОД СО ГОДИНИ Е ЗАМРЗНАТ, БАРЕМ ВО ДЕЛОТ НА ОТКУПОТ. КОЈ ЌАРИ ОД РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ ЦЕНАТА НА АРПАТА ОД 17-18 ДЕНАРИ И ЦЕНАТА НА БЕЛИОТ ОРИЗ ВО ПРОМЕТОТ ОД 70 ДО 100 ДЕНАРИ ЗА КИЛОГРАМ?

Одлуката на владата покрај сите други производи да ја замрзне и цената на оризот предизвика саркастични реакции меѓу земјоделските производители кои се жалат дека откупно прометните цени не се зголемени со години. Освен тоа во изминатите години забележана е стагнација кај цените од откупно-преработувачките компании, како контра ефект од субвенциите што ги обезбедува државата.

Тоа што на поедини пазари во државата цената на кочанскиот ориз достигнува од 70 до 100 денари за килограм е само дополнителен факт дека кајмакот од оризот го собираат преработувачите и трговците, со оглед на огромната разлика помеѓу 17-18-те денари за килограм арпа и пет-шест пати повисоките цени за килограм бел ориз.

За оризопроизводителите е нелогично другите житарици, но и компирот и зелката да бележат енормен раст на цените, а некогаш прогласеното бело злато да пропаѓа во секој поглед.

Сподели: