Дождот го наполни со вода СОУ „Гошо Викентиев“ – штетата огромна
Не многу интензивните но долготрајни врнежи од дожд денеска се истурија во објектот на средното општинско училиште „Гошо Викентиев“, каде предизвикаа поплавување на училници, информатички кабинети со многубројна компјутерска опрема, инвентар, оштетувајќи ги истовремено фасадата, инсталациите и разновидна опрема и нагледни средства. До навлегување на дождовата вода во внатрешноста на училиштето дошло поради несоодветна изведба на реконструкцијата на кровот, кој изведувачот го започнал неодамна и уште од вчера го оставил непокриен и препуштен на временските неприлики, и покрај најавите на метеоролозите за врнежлив период.
Новоназначениот в.д. директор на СОУ „Гошо Викентиев“ Спирко Златков, кого денеска го затекнавме во училиштето, за Актуелности.мк изјави дека се работи за огромна штета од навлегувањето на водата, поради која вториот кат сигурно, а можеби и првиот, ќе останат вон функција со недели, можеби и месеци. Тој потенцираше дека договорот за реконструкција со изведувачот е потпишан од страна на претходното раководство и дека непосредно пред примопредавањето на директорската функција започнала промената на кровот. Веднаш штом се забележани оштетувањата формирана е комисија која ќе работи на нивно евидентирање и внесување во записник. Известена е и осигурителната компанија како и другите институции во општината и државата.
Денеска беше исклучена струјата на вториот кат, но бидејќи водата навлегува и на првиот, најверојатно ќе треба целосно да се исклучи електричното напојување. Поради есенско-зимскиот период со ниски температури, се чини ќе требаат месеци бетонските ѕидови да се исушат за да може на нив да се работи.