Ако политиката е ку(?)ва, …
Како започна, како да не му тргна најдобро на новиот состав на Советот на Општина Кочани. За почеток и мнозинството и малцинството и коалициите во нив, од време на време, делуваат како раштиман оркестар. Никој не почитува ниту ноти, ниту диригенти, ниту никого. Како да нема оваа општина, како и сите други општини, тридецениски политички плурализам. Како да важи правилото, што било, било, сега започнува се од почеток. По воља на нас советниците, поединечно и групно.
Познато е дека политиката е и ку(?)ва, и безобѕирна. Ама дека поединци во неа може да бидат до толку иску(?)варени, и тоа без причина, туку онака од узур, е нешто ненормално и опасно како пример и како тенденција. Луѓето гледаат, еееј. Поради меѓусебното непочитување, некоординираноста, непродуктивноста и неконструктивноста, па и несоодветната подготовка на седниците, суштински точки на дневниот ред паѓаат како крушки. Како тргнало, нема да е чудно на гласањето да падне и буџетот!!!?
Како функционира Советот можеби највидливо е преку расправата за милионот наменет за локалните медиуми. Како сите други буџетски пари да се одмерени и насочени идеално до денар, па остана проблемот со „медиумските“, кои се пренасочуваат кон социјала, занаетчиство …, или се бришаат. Наместо енергијата да се насочи кон нови идеи, кон привлекување средства, инвестиции, кон нови проекти, поединци го злоупотребуваат советот за наметнување на своите суети.
Ако интелектуалци не знаат каква е функцијата и улогата на медиумите, и дали стрижењето глави и потковувањето чевли и коњи е актуелниот приоритет за општината, тогаш нешто сериозно ја компромитира нејзината иднина. Тогаш и образованието и здравството треба да се тргнат на страна, за да им дадат предност на самоукоста, и на баењето на бабите и гатањето. Можеби круцијалното прашање е, ќе има ли целосно помрачување на информативниот полумрак, ќе го види ли некој мрачното, и кој ќе ја изгасне последната светлина.
Како што е озбилно несогледувањето како тоа функционираат другите општини, додека тука владее гушење до задушување …, пред и некој да го постави прашањето – Зошто?, и пред да го слушне одговорот.