ФА „Љупчо Сантов“ со новогодишни концерти
ИГРАОРЦИТЕ НА ФА „ЉУПЧО САНТОВ“ ОД ОРИЗАРИ ВО ДЕНОВИТЕ НА ВИКЕНДОТ ИМ ЈА УПАТИЈА НАЈУБАВАТА ЧЕСТИТКА НА ЖИТЕЛИТЕ НА ОРИЗАРИ И ЗРНОВЦИ, ОДРЖУВАЈЌИ ГО ТРАДИЦИОНАЛНИОТ НОВОГОДИШЕН КОНЦЕРТ СО УЧЕСТВО НА СИТЕ ГРУПИ. ОВОЈ НАЈАКТИВЕН АНСАМБЛ ВО ОПШТИНАТА САМО ВО 2021 ГОДИНА ЗАД СЕБЕ ОСТАВИ НАД 30 НАСТАПИ НА МАНИФЕСТАЦИИ ВО ЗЕМЈАТА И СТРАНСТВО.
Во два дена од викендот, Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари, во Зрновци и во Домот на културата во Оризари, традиционално по 20-ти пат го одржа традиционалниот Новогодишен концерт. Пред полната сала со публика од сите возрасти, фолклористите играа и пееја во духот на вековната традиција, карактеристична за подосоговието. За своите настапи, групите од најмала до најголема возраст, добија силни аплаузи од публиката.
Инаку, Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ опстојува, работи и го негува изворниот фолклор во населбата Оризари повеќе од 45 години. Ансамблот го сочинуваат над 130 членови поделени во играорни групи во Оризари и Зрновци. Сега во играорната група во Оризари активни се околу 80 членови, поделени во три групи: мала, среда и голема. Во составот на Ансамблот функционира и оркестар на изворни народни инструменти. На Новогодишниот концерт настапија сите играорни групи, заедно со оркестарот.
На концертот присутни беа градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов и Претседателот на Советот на општината, Лазо Митев.
Со одржаниот 20-ти Новогодишен концерт, ансамблот одбележа уште една успешна година од постоењето, со околу 30-тина настапи во Македонија и во странство.