Забранет ловот на истокот
По Решението издадено од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, со кое се забранува секаков вид одстрел на дивеч во ловиштата под концесионерство на ЛЗ „М. Каменица Саса“, денеска забраната се прошири и во ловиштата во општините Кочани, Виница, Берово, Пехчево, Пробиштип, Зрновци, Чешиново-Облешево и Карбинци. Ловните здруженија се должни да ги известат своите членови за забраната, бидејќи полицијата има наредба да ги казнува ловците кои тргнале на лов, или ќе бидат затекнати на терен.
Спроведувањето на мерката ја следат низа нелогичности и недоречености, поради што може да се случи цехот да го платат токму ловците. Прво, на ловните здруженија не им е дадено доволно време да ги известат ловците. Понатаму, не се водело доследно сметка за оддалеченоста од жариштето до граничните линии, што на едни здруженија им дозволува лов, а на други не. Особено доколку се има во предвид дека на пример, во околината на Ќустендол, Р. Бугарија е констатирано присуство на Африканска свинска чума, ама во Крива Паланка не е забранет ловот. Сличен е случајот и со Радовиш и Струмица, кои засега се изземени од забраната, наспроти Штип, кој е најооддалечен од границата, ама штипјани не смеат да ловат.
Засега нема информации дали ќе се примени санитарен одстрел или не, иако оваа мерка своевремено се практикуваше.