Му украле трактор од дворот

ОРГАНИЗИРАНА ГРУПА КРАДЦИ ВО НОЌТА НА БАДНИК МУ ГО УКРАЛЕ ТРАКТОРОТ НА ЗЕМЈОДЕЛЕЦ ОД СЕЛОТО ТЕРАНЦИ, ОПШТИНА ЧЕШИНОВО-ОБЛЕШЕВО И ГО ОДВЕЗЛЕ ВО НЕПОЗНАТ ПРАВЕЦ. КАМЕРИ ОД СЕМЕЈНИ КУЌИ ЈА СНИМИЛЕ КРАЖБАТА, АМА КРАДЦИТЕ СЕУШТЕ НЕ СЕ ОТКРИЕНИ. ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ЛАНИ ИМ БИЛЕ УКРАДЕНИ НЕКОЛКУ ТРАКТОРИ, ОД КОИ НЕМА НИКАКОВ ТРАГ.

Ноќта на христијанскиот православен празник Бадник, жител на селото Теранци, во општина Чешиново-Облешево, остана без својот трактор, бидејќи крадци во текот на ноќта се прикрале и му го украле од дворот. На Божик човекот се распрашуваше меѓу соселаните дали виделе или слушнале нешто, меѓутоа доби оскудни информации. На една од камерите на семејна куќа во селото било забележано дека пред тракторот возел црн автомобил, а позади него, со максимална брзина се движел тракторот. Силната бучава ја слушнале и неколку други соселани, но не можеле да претпостават за што станува збор, бидејќи настанот се одвивал во раните утрински часови.

Од разговор со други жители на Општина Чешиново-Облешево дознаваме дека ова не е прв случај, туку дека лани без своите трактори останале уште пет-шест земјоделци. Крадците нашле начин да го стартуваат односно запалат моторот на тракторот и управувајќи го со придружба од друго моторно возило, да исчезнат по полските патишта.

Подоцна крадците го демонтираат тракторот и деловите ги продаваат по половични цени, без да бидат откриени.

Сподели: