Пониква падна на испит

Кога нема посетители на Пониква ги молиме да дојдат. Кога ќе навалат, не можеме и не знаеме да ги пречекаме. Односно, да им ги овозможиме минималните нормални услови да пристигнат, да паркираат и да можат да прошетаат или седнат како луѓе на топол чај, или на ручек. За санкање или скијање и да не зборуваме, поради гужвата која се создава на „единицата“ и по патот кон манастирот. Ете тоа е нашиот туризам за кој толку многу се злагаме и за кој градоначалниците собираа политички поени две-три децении наназад, а практично толку малку направија.

Воведот е реакција на денешниот хаос пред, во и околу Пониква. Стотици автомобили со двојно и тројно повеќе посетители, наместо планираниот убав јануарски викенд, доживеаја разочарување и нервози, кои буквално им го расипаа денот. Многумина не ни стигнаа да го видат зимскиот туристички центар. Откако патот беше блокиран од возила, свртеа назад и се вратија. Исто како и лани…, и преклани …. Другпат двапати ќе размислат пред да тргнат кон Пониква. А тргнале од Скопје, од Куманово, од Велес, од Гевгелија …

Тие што рано наутро тргнале и успеале да стигнат до ски лифтовите, мораа во долги колони да чекаат да дојдат на ред до него. Одтука на прашањето „што и фали на Пониква“  очекуван одговор: „ски лифтови“. Како се менуваат локалните власти се осветлуваат улици, се поправаат патишта, се менуваат сајли, ама никој ни не помислува да донесе позначајна инвестиција од државата за нови ски лифтови и скијачки патеки. Башка узурпираното земјиште од двете страни на патот кон Манастирот и неконтролираната изградба на викендици, кои Пониква ја направија населба, но не и спортско рекреативен скијачки центар.

Сподели: