Земјоделците палат – пожарникарите по нив гаснат
Само што ќе се подзасуши сламата и ќе дивне ветер, земјоделците повторно „во акција“ на палење на стрништата во оризовите полиња. Денеска на повеќе локации во атарите на селата покрај реката Брегалница се гледаа пламени јазици и чад, од кој се создаваа облаци во Кочанската Котлина. Противпожарната единица со сите расположиви сили иташе од едно жариште на друго, со цел да спречи поголеми последици од намерно предизвиканите пожари. Од таму велат дека интервенирале на четири пожари, од двете страни на Брегалница. Поради силниот ветер кој можел да предизвика неконтролирано ширење на огнената стихија, загрозени биле други насади и објекти.
Пожарникарите реагирале и на пожар во семејна куќа на улицата „14 Македонска бригада“, каде исто така е спречена поголема катастрофа.
Поради почетокот на сезоната на горење на стрништата, надлежните служби предупредуваат и апелираат земјоделците да се воздржат од палење оган на отворено, бидејќи штетите се несогледиви, а казните се ригорозни.