Петнаесет лица од Кочани ангажирани за општинско- корисна работа
Општина Кочани по седми пат е дел од програмата Општинско-корисна работа, чие финансирање годинава е од УНДП и од Швајцарската агенција за развој и соработка. Во наредниве осум месеци, петнаесет лица се ангажирани за социјални услуги.
–Годинаваконкуриравме со две апликации. УНДП ни ја одобри апликацијата „Сестрана грижа“, каде се ангажирани осум лица, од кои пет за грижа на стари и изнемоштени во домашни услови, додека останатите тројца како образовни асистенти, за помош на деца со посебни потреби вклучени во инклузивната настава. Од втората апликација Швајцарската агенција ни одобри ангажирање на седум лица од кои пет се за грижа на лица со хендикеп во домашни услови и две за посредување во Центарот за донации – соопшти Аника Илијевска Ѓоргиева, координаторка на проектот.
Ангажираните лица ќе работат четири часа дневно,а месечниот надоместок е9 илјади денари. Во проектот финансисран од УНДП, Општина Кочани учествува со 20 проценти. Во проектот „Мисија“, целосната исплата е од донаторот SDC.
–Обезбедуваме поддршка на најранливите групи и во услови на пандемија. Очекувам придобивките да бидат на заедничко задоволство на сите инволвирани во овој процес. Особено е важно искуството што ќе се стекне во програмата, коешто на ангажираните лица за извршување на задачите ќе им помогне во полесно пронаоѓање на ново работно место. Се надевам дека и лицата што ќе ги примаат услугите ќе бидат задоволни – рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Од 2014 година досега, во извршување на различни социјални услуги во Кочани, преку програмата Општинско-корисна работа биле вклучени вкупно 76 ангажирани лица и над 800 корисници. Целта на проектот е, од една страна да се подобри квалитетот на живот на ранливите категории (стари лица, инвалиди, деца со атипичен развој и сл.), а од друга страна, да се зголеми конкурентноста на пазарот на невработените лица, кои пак имаат можност да се стекнат и со лиценци за работа.
Партнери во проектот се Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, центрите за вработување и за социјални работи во Кочани и локалните партнери: Детската градинка „Павлина Велјанова“, Црвен крст – Кочани, Здружението на телесни инвалиди и ЦККЕР „Светла иднина“.