Или мерки, или генерален штрајк
ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД СИТЕ ГРАНКИ И СТОЧАРИТЕ СЕ ОРГАНИЗИРААТ ВО БАРАЊАТА ЗА ИСПОЛНУВАЊЕ НА НЕОПХОДНИТЕ МЕРКИ, ИЛИ НАЈАВУВААТ ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК НИЗ ЦЕЛАТА ДРЖАВА. МНОГУ НЕШТА ЌЕ ЗАВИСАТ ОД ДЕНЕШНИТЕ ИЗЈАВИ НА МИНИСТЕРОТ НИКОЛОВСКИ.
Охрабрени од солидарноста искажана од тутунарите и лозарите, на вчерашниот протест во Облешево, членовите на Иницијативниот одбор на оризопроизводителите, најавуваат генерален штрајк на сите земјоделци и сточари, бидејќи се незадоволни од владините мерки за аграрот и кажаното од министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Првиот човек на иницијативниот одбор, Здравко Арсов апелира оризот да го добие статусот стратешка домашна култура, и во тие рамки бара ефикасни мерки оти како што стагнира, многу лесно може да го снема од полињата, во ситуација кога од него живеат над 7.000 семејства во регионот.
Одборот на оризопроизводителите денеска чека да се види што ќе им каже министерот и на производителите на јаболко во Ресен, како и тоа какви сеопфатни мерки ќе се понудат за сите производители во агро секторот. Истовремено, заедно со одборите од останатите гранки ќе ја разгледаат можноста за генерален штрајк.
Инаку, кочанските оризопроизводители планираат наредниот вторник повторно да организираат протест и блокада на патот. Ако дотогаш нема средба со премиерот Димитар Ковачевски и министерот Николовски, велат дека ќе ги блокираат и двете ленти од магистралниот пат Штип-Кочани.
Двојното зголемување на откупната цена на арпата од 20 на 40 денари за килограм, е последица на драстичниот пораст на цените на репроматеријалите, меѓу кои вештачките ѓубрива од 650 денари, поскапеа на 1.650 денари за вреќа од 25 килограми. Поскапува нафтата, ќе поскапи и жетвата, потоа луштењето во фабриките за ориз, поскапуваат препаратите против плевели.