Се крадат трактори од дома
ОЧАЈНИ ПОРАДИ ТОА ШТО ОСТАНАЛЕ БЕЗ ЗЕМЈОДЕЛСКА МЕХАНИЗАЦИЈА, ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ СО ПОПЛАКИ НА АДРЕСА НА ПОЛИЦИЈАТА, КОЈА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СПРАВИ СО КРАДЦИТЕ НА ТРАКТОРИ И ДРУГА ЗЕМЈОДЕЛСКА МЕХАНИЗАЦИЈА И АЛАТКИ. ТЕРАНЧАНЕЦОТ СТОЈАН СТОИМЕНОВ РЕВОЛТИРАН БИДЕЈЌИ НА БАДНИК ОД ДВОРОТ МУ ОДНЕЛЕ ТРАКТОР, КОЈ И ПО ЕДЕН МЕСЕЦ НЕ Е ПРОНАЈДЕН
Каква мафија хара по селата во Кочанската Котлина, со која, како што велат оштетените, ниту полицијата не може да се справи. Ова прашање произлегува од поплаките на земјоделецот од Теранци, Стојан Стоименов, на кого ноќта на Бадник, 6, јануари, натрапници му го украле тракторот паркиран во дворот.
-Ноќта помеѓу 6 и 7 јануари ми го украдоа тракторот од дома и до сега не е пронајден. Како земја да го голтнала. Тоа утро полицијата не дојде да изврши увид, туку само го повикаа синот и го испрашуваа три часа. Ни кажаа дека ја нашле колата која го пратела тракторот, додека го краделе, но не и тракторот, вели Стоименов.
Очекувал дека по пријавата полицијата ќе ги пронајде крадците, бидејќи од камери од куќи во селото јасно се гледало дека пред тракторот возела кола, ама и по цел месец подоцна, ништо.
Иако претпоставувале каде може да биде скриен, не истражувале бидејќи, како што ни рекоа, таму не одел никој, што треба да значи дела владее беззаконие, констатира Стоименов.
Револтираниот земјоделец вели дека со тракторот, кој го купил за 4.500 евра, си ги орел дваесетте декари ниви, а помагал или орел за пари и на други соселани.
Крадењето земјоделска механизација станало честа појава во регионот, а земјоделците се немоќни сами да се заштитат, поради што трпат сериозни штети. Затоа апелираат до полицијата за зголемено ангажирање околу пронаоѓањето и казнувањето на крадците.