ВМРО-ДПМНЕ со амандман за поголеми плати во образованието

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференција побара зголемување на платите на сите вработени во образованието од техничкиот персонал до наставниците и професорите согласно колективните договори а дефинирано во предлог амандманот кој што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го поднесе до парламентот да биде разгледан во рамки на постапката за донесување на измените нз законот за минималната плата.

“Македонија е помеѓу 4-те најсиромашни држави во Европа, покрај тоа што е помеѓу трите најкорумпирани, најкриминални држави во Европа. Потрошувачката кошница на основните прехрамбени и други производи изнесува во  декември 35.042 денари, и оваа сума постојано се зголемува. Не се проблем само минималните плати, туку ниските плати кои што се поголем број на луѓе ги добиваат.

Затоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложи амандман на законот за минимална плата каде ќе се овозможи зголемување на платите во јавниот сектор.

Истото тоа го имаме и во основните училишта, ако започнеме со општ работник кој што има коефициент еден и досега имал минимална плата 15.200 денари сега ќе има 18.000 денари.

Тогаш соодветно надоле и хигиеничар, и перачка, сервирка, садомијач, ложач, ракувач на парни котли, возач и така натаму, па се до наставник приправник и наставник платите ќе бидат зголемени односно наставник приправник наместо досегашните 22.764 денари според амандманот кој го предлагаме, а согласно колективниот договор кој што го имаат потпишано со синдикатот и коефициентот на сложеност на тоа работно место треба да изнесува 41.256 денари нето. Исто така и за наставник кој што има коефициент 2.503, кој што досега има нето плата од 24.782 денари и согласно амандманот што ние го предлагаме да се усогласи со колективниот договор би требало да има нето плата од 45.054 денари. Истото тоа го предлагаме и за средните училишта односно професорите наместо сегашните 25.838 денари нето плата би требало да земаат според предлогот кој што ние го даваме 45.594 денари.

Секако ќе се постави прашањето дали има пари: За ова што е и законска обврска на владата согласно колективните договори, одговорот е пари има, само треба да престане да се краде и да запрат криминалните тендери.

ВМРО-ДПМНЕ очекува барем еднаш СДСМ да се однесува рационално и ајде еднаш заеднички да се избориме за својот народ, за сите граѓани“ -соопшти од партиската говорница лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Сподели: