Пејпар Мил: Фабриката работи според прописите

Кочани, 5 март 2022г. – Пејпар Мил повторно потенцира дека работи целосно согласно А интегрираната дозвола издадена од страна на Министерството за животна средина, а сите мерења од реномирани акредитирани светски лаборатории направени од април минатата година до февруари оваа година покажуваат вредности на димна прашина далеку под нормите. Тоа го утврдија и контролите на надлежниот инспекторат. Оттука, Пејпар Мил не може да ги прифати неаргументирани и субјективни тврдења кои ги изнесуваат поединци во влијанието на Пејпар Мил врз животната средина.

Во А интегрираната дозвола фабриката сосема прецизно е наведено дека фабриката може да работи на био-маса со сончогледови пелети. Имено, заради тоа е направена и инвестицијата од над 55 илјади евра во вреќест филтер за да се достигнат параметрите не само согласно дозволата, туку и согласно сите европски регулативи кои се трипати пониски од нормите кои се тука во Македонија. Био-масата, сончегледовите пелети кои ги користи фабриката се произведуваат по сертифицирана германска технологија, а секој камион, секоја пратка на пелети има посебен наод од лабораторија и сертификат кој го потврдува квалитетот и компатибилноста со стандардите за зачувување на животната средина.

Фабриката користи био-маса за енергенс во својот процес, не користи нафта, мазут или јаглен, основна и единствена суровина која ја користи е отпадна хартија и вода, не користи никакви  хемикалии, отрови, опасни материјали или штетни супстанции во процесот на рециклирање и производство на хартија. Напротив, Пејпар Мил како единствен рециклатор на хартија е значајна алка во процесот на рециклирање на отпадна хартија и во остварувањето на националните цели за рециклирање и во синџирот на циркуларната економија во земјата. Кон тоа, Пејпар Мил од Кочани како инвеститор во земјата има значајно социо-економско влијание на локално и национално ниво како работодавач на околу 120 и значајно придонесува во економијата.

Дополнително потенцираме дека за оваа година планирани се инвестиции од 1.8 милиони евра:

  • Со завршување на последната фаза од изградбата на пречистителната станица минатата година, оваа година целосно се финализира пречистетелната станица со поставување на финалните компоненти. Интерно се направени првите мерења и резултатите се одлични.
  • Во тек е процедура за избор на добавувач за промена на котелот на сончогледови пелети со нов најсовремен на био-маса.
  • Во тек е имплементација на проект за енергетската ефикасност за реинсталација на целиот паро-кондензационен систем, проект кој веќе две години се подготвува, а за неколку дена 15 специјалисти од Германија, Финска, Бугарија и Грција, ќе ја имплементираат оваа најсовремена технологија во фабриката, што покрај заштеда на енергија и ресурси ќе доведе до минимум 15% намалување на влијанието на котелот.

Пејпар Мил уште еднаш потенцира дека е неопходно да се направи сериозна студија за сите страни кои загадуваат во овој реон, точно да се опише, да се испита, да се дефинира, кој во колкава мера учествува во загадувањето. И ние сме подготвени на секаков начин да помогнеме, да дадеме секаков вид на поддршка и со нашето искуство и знаење кое го имаме, со вклучување на надворешни лаборатории и експерти кои можат да помогнат во таа насока. Во интерес на сите е да се определи влијанието на секој субјект врз животната средина во Кочани, за да може сериозно да се делува. 

Ги повикуваме граѓаните кои протестираат да ги достават своите прашања кои ги интересираат и за кои имаат дилеми, да најават група до 15 лица, и да дојдат во четврток во 12.00 часот со конкретни прашања, ќе им објасниме, ќе им ги претставиме и покажеме процесите во фабриката за да се уверат дека не е Пејпар Мил непријател на градот и жителите на Кочани.

На сите ни е од интерес да имаме во градот современа фабрика за рециклирање на хартија, среќни граѓани, повеќе вработувања и чиста животна средина.

Сподели: