Ќе се распушти ли Советот на Општина Кочани?
Циркузијадата која актуелниот состав на Советот на Општина Кочани им ја приредува на граѓаните, како одминуваат седниците, се повеќе се приближува до некаква кулминација, која можеби може да заврши со предвремени локални избори!? Впрочем, такви понуди и повици можат да се слушнат и од говорницата, зачинети со обвинувања за незнаење, неконструктивност, неспособност, манипулации, подметнувања и слични негативни квалификации. А и што друго би можело да се очекува ако меѓу поедини советници е присутно сомневање дека во Советот мириса на алкохол, психотропни супстанци, (читај дрога), поради што се наметнува потребата од поставување дрегери и други инструменти. Се повикува на ревизии и истраги поради сомневања за криминали, во кои јасно се алудира на замешаност на поедини советници.
После ова станува јасно дека, доколку голем број од советниците од двата блока, бидат за момент самокритични, тогаш опцијата за самораспуштање на Советот може да има и повеќе од неопходното мнозинство на гласови за да се изгласа таква одлука. Тоа секако не би била невозможна мисија, доколку посреди не се солидните хонорари и другите привилегии од аспект на вработување, или остварување одредени интереси.
Во таа каша попара, сепак се се сведува на кадровските политики во политичките субјекти, кои не се водат по интересите на граѓаните, туку на партиските моќници што ги креираат според нивни потреби.
П.С.: Можеби примерот со неизгласувањето на одлуката за покачување на ценатата на геотермалната вода за концесионерскиот процент, е само еден добар доказ дека некој(и) во Советот за некого одработува(ат), а на штета на сите други. Затоа што таа разлика не ја плаќаат граѓаните, туку тие што профитираат од топлата вода. А тие зимава заштедија милионски суми.