Сиромаштија: се распродаваат нивите
Агро-транзицијата создава сериозни турбуленции на пазарот на недвижен имот, односно при продажбата на ниви, особено во оризопроизводствениот регион. Се поголем број таканаречени мали земјоделци со по неколку декари ниви го распродаваат дел по дел имотот од најразлични причини. Едни немаат механизација па обработката на земјата им е скапа, како и сите други трошоци во производството, наспроти ниските откупни цени, кои одгледувањето на културите го прават неисплатливо. Други едноставно не се во можност да ги обработуваат површините, бидејќи младите заминале во странство, а возрасните се со намалена работна моќ. Има и такви кои поради долгови по разни основи се принудени да отуѓуваат дел по дел од имотот.
Таквите состојби на зголемена понуда а ограничена побарувачка доведоа до значително намалување на цените на земјоделското земјиште, дури и за над 50%. Поединци велат дека се принудени да ги продаваат најубавите ниви од прва класа, на идеална локација покрај пат, за цена под 1000 евра, иако своевремено ги купувале речиси двојно поскапо.
Заминувањето на младите од селата го остави регионот без работна сила, па тие што до пред некоја година ги даваа нивите под закуп, сега ги нудат и без паричен или друг надомест, ама пак нема кој да ги обработува.
Како тргнало, земјоделското земјиште ќе се групира кај се поголеми земјопоседници, а ќе се намалува бројот на земјоделските семејства со по неколку декари, бидејќи нивниот опстанок станува невозможен.