Баскет Дино обезбеди полуфинале

По заслужено издвојуваната гостинска победа денес во Дебар против екипата на Дибра Иглс со резултат 86:74, кошаркарите на Баскет Дино Деликатес уште еднаш само го потврдија својот квалитет и докажаа дека местото им е во полуфиналето од третата кошаркарска лига мажи.
Во победата на кочанчани, повторно како први стрелци се издвоија Лазарев со постигнати 22 поени и Филипов кој додаде 18 поени. Полуфиналето исто така ќе се игра на два добиени натпревари односно кој тим прв ќе стигне до две победи, а противник на кочанската екипа ќе и биде скопски Работнички.
Во полуфиналната серија подобра пол позиција има екипата на Работнички поради подобриот пласман во регуларниот дел од сезоната, па евентуалната мајсторка би се играла во Скопје во салата Градски Парк.
Екипата на Баскет Дино гостува во Скопје на 27 април (среда) за кога е закажан првиот натпревар од полуфиналната серија.Вториот натпревар од серијата се игра на 30 април (сабота) во спортската сала Сашко Лазарев Чапо во Кочани, а доколку има потреба од евентуален трет одлучувачки натпревар, тој би се играл повторно во Скопје на 4 мај (среда).
Екипата која ќе се радува по завршувањето на полуфиналната серија, освен што ќе е дел од големото финале, многу позначајно е што автоматски обезбедува учество во повисок ранг следната натпреварувачка сезона, односно во втората кошаркарска лига мажи, бидејќи и за двете екипи – учесници во големото финале е загарантиран влезот во втората лига наредната година.

Сподели: