Телевизиите и радијата со најава за штрајк

Локалните и Регионалните телевизии и радија, организирани во Здружението „Медиум Објектив“, по онлајн состанокот одржан на 21 април, одлучија да стапат во штрајк, поради игнорантскиот однос на Владата по барањата упатени од нивна страна. Штрајкот е закажан за 26.април 2022 година, а медиумите, во прва фаза, ќе го манифестираат во полчасовен темен екран со телоп, во терминот од 19.00 до 19.30 часот.

Во втора фаза, доколку во меѓувреме не дојде до некакво решение, прекинот на редовната програма ќе се зголеми на еден час, односно од 19.00 до 20.00 часот, со црн екран и истата содржина на телопот. Радијата во тој термин ќе ја читаат објавата за штрајкот.

Меѓу барањата на Локалните и Регионалните медиуми се измена или укинување на членот 102 од Законот за АВМУ, со кој се забранува секаква соработка со единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија и институции. Овој закон е причина за затворање на голем број телевизии и радија во државата. Медиумите бараат создавање фонд за медиуми, кој ќе им овозможи на медиумските работници, преку проекти, да создаваат конкурентна програма во интерес на граѓаните. Со оглед на актуелната кризна состојба во државата, која најдрастично се одразува врз работењето на медимуите, до Владата е упатено и барањето да ги ослободи од плаќање на 50-те проценти од надоместот за годишната дозвола кон АВМУ, бидејќи регулаторното тело претходно им го намали издатокот за 50%.

Сподели: