Осогово поразено од Кожуф, сламката на спасот се вика Детонит

Екипата на Осогово не успеа да се врати непоразена од гостувањето во Гевгелија, каде домаќинот Кожуфа со еден постигнат гол освои три бода и си го обезбеди опстанокот во второлигашкото друштво. Со овој пораз „Жолто сините“ се доведоа во уште потешка ситуација, бидејќи конкурентите во ова коло прокнижија победи и се одлепија по три бода.

На две кола до крајот на првенството три екипи прават калкулации како да се обезбеди опстанокот. На Осогово му преостануваат натпреварите против Детонит во Кочани и Братство на гости. Дуелот со Детонит ќе биде игра на живот и смрт. Да се биде или не. Ако го победи Детонит, а во последното коло и Братство, Осогово може да се надева дека ќе обезбеди опстанок.  Особено ако за него одигра Каменица Саса, која во последното коло му гостува на Детонит во Радовиш, и доколку му откине бод или три, можат да ги спасат жолто сините.

Резултати, 25-то коло: Победа – Беласица 3:0, Детонит – Тим Локомотива 4:0, Пехчево – Братство 3:1, Кожуф – Осогово 1:0 и Слога 1934 – Каменица Саса 0:0.

Сподели: