Кога власта фаворизира медиуми …
Дека ниту членот 102 има некаква суштинска улога во независноста на медиумите и дека не ги прави помалку зависни новинарите од влијанието на политичарите потврдува последното искуство со Македонската делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски која деновиве престојуваше во Рим, на одбележувањето на 24ти мај, Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј. Имено во рамки на посетата селективно присутни биле новинари и медиумски работници само на неколку одбрани медиуми за да известуваат за настанот.
На тоа реагираше и ЗНМ, со соопштение во кое за изборот на овие приватни медиуми, кој е на трошок на буџетот на граѓаните, се вели дека нема објаснување од страна на Владата кои се критериумите и зошто токму овие медиуми се поканети. Настрана фактот што владини посети на државен трошок треба да следат јавните медиумски сервиси, а не приватни медиуми, овој селективен пристап на Владата, без никакви критериуми, може да се толкува и како фаворизирање на конкретните медиуми. Немањето на транспарентни и јасни критериуми за тоа како е направен изборот кој медиум ќе известува за официјалната владина посета во Рим создава дискриминација во медиумскиот сектор и ги става медиумите во нерамноправна положба.
Користењето на јавни ресурси за да се стимулираат само поединечни медиуми на официјални посети во странски држави е непрофесионално и е на штета на медиумите, но и на граѓаните. Потребно е сите медиуми да имаат фер и транспарентен пристап до информации за да се зачува објективното известување и јавниот интерес во медиумските извештаи. Оваа практика на Владата, ја спроведе и Собранието кога пред две недели нетранспарентно и без критериуми избра приватен медиум за официјална посета во странство, со што станува јасно дека овие опасни процеси, карактеристични за едни други медиумски времиња, се враќаат и се закануваат повторно на медиумските слободи.
ЗНМ, ССНМ и СЕММ за ова ќе ги известат сите свои партнери и меѓународни организации кои ги следат прашањата со независноста на медиумите и правата на новинарите во Македонија.