Градинка има, пат нема …

ПАРАЛЕЛНО СО НОВОИЗГРАДЕНАТА ДЕТСКА ГРАДИНКА ВО НАСЕЛБАТА ДРАЧЕВИК КОЈА РЕЧИСИ ЦЕЛА ГОДИНА ЧЕКА ДА ДОБИЕ ПРИСТАПЕН ПАТ, ЧЕКААТ И ДЕЦАТА И РОДИТЕЛИТЕ ЗА ДА СТИГНАТ ДО НЕА. ДЕНОВИВЕ КОНЕЧНО Е РАСПИШАНА ТЕНДЕРСКАТА ПОСТАПКА ЗА ИЗГРАДБА НА ПРИСТАПНИОТ ПАТ, ПО ШТО ЌЕ МОЖЕ ИСТАТА ДА СЕ ПУШТИ ВО ФУНКЦИЈА. 

Иако уште некој месец, новата Детска градинка во населбата Драчевик ќе направи цела година откако е изградена, таа до сега не е ставена во функција на децата од предшколска возраст и нивните родители. Најавувана уште пред претпоследните локални избори, дека ќе биде првиот проект кој ќе се реализира, нејзината изградба се провлекуваше со години и стигна до завршна фаза во септември-октомври минатата година. Меѓутоа не доживеа да проработи, бидејќи кочанчани добија градинка, но не и пат до неа.

– Деновиве е распишана тендерската постапка за избор на изведувач на пристапниот пат до градинката, а по нејзиното спроведување ќе започне неговата изградба. Очекуваме сето тоа да се случи за брзо време, по што ќе се создадат услови овој објект да се стави во функција на граѓаните, изјави градоначалникот Љупчо Папазов.

Дека во Кочани речиси секој објект се гради бавно и со потешкотии потврдува токму примерот со детската градинка, за чија реализација на претходната власт и требаа четири години да ја доведе во завршна фаза. Нелогичниот редослед на нештата го пролонгира нејзиното пуштање во употреба за уште една година. Можеби се би било прифатливо, доколку во меѓувреме низ градови и села во државата не се изградеа и поголеми и помодерни поголем број градинки.

Инаку, кочанската градинка се најавуваше како една од најмодерните во државата, проектирана на две нивоа, со вкупно шест занимални, дистрибутивна кујна, две заеднички, таканаречени дневни соби поврзани со тобоган. Таа со пуштањето во функција, ќе биде од отворен тип со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност. Во игралиштето ќе има рингишпил, јажиња, ѕидови за качување и тактилна патека. Објектот ќе има најсовремена фотокаталитичка фасада која ќе дава ефект на 40 дрвца и ќе го прочистува воздухот во околината од смог и од загадување.

Сподели: