Наезда од крлежи и инсекти
ПРОЛЕТВА КРЛЕЖИТЕ СИЛНО НАПАДНАА ВРЗ ДОМАШНИТЕ МИЛЕНИЦИ, ПОРАДИ ШТО ТЕШКО ОДИ ЗАШТИТАТА ОД НИВ. СОПСТВЕНИЦИТЕ НА КУЧИЊА СЕ ПРИНУДЕНИ ДА КУПУВААТ ПО НЕКОЛКУ ПАТИ ОД СКАПИТЕ ПРЕПАРАТИ ЗА ДА ГИ ЗАШТИТАТ, НО ЕФЕКТИТЕ ГЛАВНО СЕ КРАТКОРОЧНИ.
Сопствениците на домашни миленици пролетва се жалат на силна наезда од крлежи, болви и други опасни и непријатни инсекти. Први на удар се кучињата, за кои сопствениците велат дека се начичкани од крлежи кои брзо се размножуваат и ги напаѓаат сите делови од телото и екстремитетите. Заштитата со разни средства и препарати, во форма на ампули, прашоци и течности, дава само краткотрајни и делумни ефекти. А цените се мошне високи и се движат од 200 до 800 денари кај ампулите, што е сериозен издаток, особено ако се купува во два-три наврати во текот на сезоната.
Во земјоделските аптеки и специјализираните продавници за кучиња, велат дека побарувачката на хемиски средства против инсекти и паразити е драстично зголемена. Иако дејството на популарните ампули вообичаено трае до три месеци, пролетва третирањето се врши речиси на месечно ниво. Освен тоа чудно е што одредени прашкасти препарати речиси и да не дејствуваат, па заштитата со нив е неефективна.
Појавата на паразитите и инсектите претставува реална опасност и за луѓето, посебно децата кои во овој период играат по паркови и други тревнати површини, каде лесно може да се закачи крлеж или друг паразит. Токму затоа, неопходно е родителите да стекнат што повеќе знаења како се справува со опасните паразити, односно како да се води постојана контрола и како да се отстрануваат, доколку се појават.