ОПШТИНА КОЧАНИ И СОУ „ГОШО ВИКЕНТИЕВ“ ЗАПОЧНАА КАМПАЊА ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА СООБРАЌАЈНАТА КУЛТУРА
Општина Кочани започна со испитување на јавното мислење како дел од кампањата за зајакнување на сообраќајната култура. Активностите се спроведуваат во соработка со СОУ „Гошо Викентиев“ односно со учениците и професорите од сообраќајната струка во ова училиште.
Деновиве во централното градско подрачје беше реализирана анкета со случајно избрани жители, по прашалник поврзан со проблемите и предизвиците во сообраќајот, користењето на еколошки превозни средства и со паркирањето.
По анализата на добиените одговори, со учениците од сообраќајната насока ќе се изготви едукативен материјал со цел да се зајакне свеста за влијанието на сообраќајот врз климатските промени и да се подобри однесувањето кај учесниците во сообраќајот.
Во соработка со надлежните институции, а со вклучување на сите засегнати страни, кампањата ќе продолжи до крајот на 2022 година, а согласно повратните информации од истражувањата на јавното мислење, стручните служби ќе работат и на соодветни сообраќајни решенија.