Потреси во јавните претпријатија
ТОТАЛНА НЕИЗВЕСНОСТ ВЛАДЕЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР, КОГА СЕ ВО ПРАШАЊЕ КОМУНАЛНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА, КОИ СЕ ПОД СИЛЕН ЦЕНОВЕН УДАР НА СТРУЈАТА И ДРУГИТЕ ЕНЕРГЕНСИ. ШТОМ ДИРЕКТОРИТЕ БЕГААТ, ПРЕДВИДУВАЊАТА СЕ ПОВЕЌЕ ОД СЕРИОЗНИ. ПРЕТСТОИ ЛИ ПЕРИОД НА ЦЕПКАЊЕ И РАЗНЕБИТУВАЊЕ НА ЛОКАЛНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА?
Драматични процеси се случуваат во државата, кога дошло ред директори на комплексни јавни претпријатија да ја менуваат функцијата со работно место во приватна компанија. И уште подраматични потреси се очекуваат во наредниот период, со оглед на некои навестувања и сигнали од типот на драстични поскапувања на струјата, бензините и севкупните други трошоци. Како тргнало, практично секој вработен во јавните претпријатија, порано или подоцна, ќе мора да си го постави прашањето за сопствената иднива и егзистенција.
Ако во КЈП Водовод, последните месечни сметки за струја се движеле околу 2.000.000 денари, или 33.000 евра, очекуваните нови износи сигурно нема да бидат помали од 7.000.000 денари, или 115.000 евра, што е речиси триипол пати повеќе. И сега, за да бидат приходите и расходите на „0“, логично би било цената на водата и на сите други елементи што влегуваат во месечната сметка кон граѓаните, да се зголемат за 3,5 пати. Тоа значи ако едно семејство сега плаќа по околу 1000 денари месечно, со евентуално нови цени да плаќа 3.500 денари. Едно е јасно, ниту Водовод може да донесе такви цени, ниту граѓаните можат да ги плаќаат.
Во таква безизлезна ситуација, можни се повеќе сценарија, кои никако не се во прилог на вработените и на граѓаните. На пример, можно е енормно задолжување на претпријатието, по што банките и правните институции ќе ги преземат уздите во свои раце, а тоа значи кратења на се и сешто. На бројот на вработени, на висината на плати и на други потребни и непотребни трошоци. Понатаму можно е цепкање на дејностите во претпријатието, со цел формирање на помали претпријатија, според дејности, кои сами би се бореле на пазарот на услугите.
Како и да се погледне на работите, следува бурен и неизвесен период, во кој буквално ќе се води борба за гол живот и за основна егзистенција, се додека многу нешта на локално и државно ниво не дојдат на свое место.