За дуќанџиите и станарите е неприфатлива изградбата на паркинг платформа во Трговскиот центар

Јавната трибина за изградба на паркинг платформа над големиот паркинг, синоќа собра само мал број заинтересирани, главно сопственици на дуќани во Трговскиот центар –Болк „Б“, претставници од станарите во станбената зграда и други граѓани.

Во воведното излагање Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов присутните ги запозна со идејата, образложувајќи дека изградбата на платформата ќе го растерети сообраќајот во централното градско подрачје. На неа би се сместиле помеѓу 40 и 50 водила, кои би ослободиле простор на паркинзите околу трговскиот центар

Станарите и сопствениците на дуќани истакнаа дека се против изградбата на ваков објект за паркинг, бидејќи тој ќе го затвори просторот а со тоа и пристапот, што ќе влијае на прометот, односно ќе мора да ги затворат дуќаните

Присутните посочија уште неколку локации за изградба на катна гаража како на пример кај Основниот Суд, или во дворот на ООУ „Никола Карев“. Потоа како можна локација за изградба на катна гаража со капацитет од 90-тина возила е предложен просторот до „Кулата“, како и просторот до спортската сала кај Гимназијата.

Иако платформата е едно, а катна гаража сосема друго, сепак учесниците во расправата во најголем дел не ја прифатија идејата за ова решение за ублажување на проблемот со паркинг простор во централното градско подрачје.

Бидејќи во дневниот ред на седницата на Советот на општина Кочани е поместена точка за задолжување на општината за реализација на овој проект, останува да се види како ќе се произнесат советниците по истата. Доколку биде оценета како оправдана, можно е организирање втор јавен состанок со помасовно присуство на граѓаните, заради заземање конечен став и дури потоа ќе се донесе одлука дали паркинг платформата ќе се гради или не.

Сподели: