Историчарот молчи, народот на браникот на историјата

Како вчера да беше. Во популарната Метална на социјализмот (СОУ „Гошо Викентиев“), дојде млад професор по историја, кој на часовите со силен национален занес, на нас учениците ни зборуваше за нашата историја. За Гоце Делчев, за неговиот имењак Никола Карев, за Даме Груев, за Илинденскиот период. Подоцна и за народноослободителната борба против германскиот и бугарскиот фашистички окупатор. Толку суптилно и приемчиво што искрено ги засакавме и предметот и професорот.

Подоцна историчарот напредуваше до директорска функција во училиштето, кое успешно го раководеше подолг период.

Сега кога македонскиот народ ги бие најголемите повоени битки, кога се обидува да опстои во проблематичното и асимилаторски настроено опкружување, од пензионираниот историчар ни трага ни глас. Само молк. Дали не смее да се огласи поради некаков страв. Или можеби поради пратеничката функција во семејството чија носителка го поддржува Францускиот предлог.

Како и да е професоре, сега вие сте за жалење. Прашањата до вас се: дали Гоце Делчев не е Гоце Делчев за кој не учевте? Дали бугарските фашисти сега и за вас се администратори? За жалење сте затоа што ве нема на вистинското место, ниту сте на вистинската страна на историјата која се создава. Затоа што поради најблиските сте доведени во ситуација да го проголтате целото ваше професионално и пошироко минато, сосе диплома, стаж, генерации ученици… Тешко е, претешко. За Македонија се работи, за татковината.

Сподели: