Тунелот е готов, ќе биде и браната

ДОКОЛКУ НЕ СЕ СЛУЧАТ НЕКАКВИ ЗАСТОИ, НАСИПОТ НА БРАНАТА ЌЕ ЗАПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ ЗА НЕПОЛНА ГОДИНА, А ОВДЕШНИТЕ ГРАДЕЖНИ СТРУЧЊАЦИ ПРЕДВИДУВААТ ДЕКА ОВОЈ КАПИТАЛЕН ВОДОСТОПАНСКИ ОБЈЕКТ ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕН ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ. ИНТЕРЕС ЗА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ПРОЕКТОТ ПРОЈАВИ И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЉУПЧО ПАПАЗОВ, КОЈ ДЕНЕСКА ГО ПОСЕТИ ГРАДИЛИШТЕТО, КАДЕ БЕШЕ ЗАПОЗНАЕН СО ТЕКОВНИТЕ АКТИВНОСТИ

За помалку од една година може да започне изградбата на насипот, односно телото на браната „Речани“, а за четири години таа да биде целосно готова и да започне да се полни со вода, се оптимистичките но и реални предвидувања на инжинерот Васил Ристовски кој е раководител на изградбата. Тој вели дека на проектот се работи на повеќе објекти, односно позиции и дека е задоволен од динамиката на извршувањето на активностите.

Тунелот преку кој треба да се скренува реката, додека да се изгради насипот, е целосно пробиен, а сега се работи на подготовка за бетонирање. Неговата должина е 430 метри со две широчини.

Во своето долгогодишно искуство, Ристовски немал покомплициран водостопански објект, бидејќи во стрмната клисура на Оризарска Река, условите се исклучително тешки и бараат многу напор за совладување. Косините се речиси под агол од 90 степени, а составот на карпите е специфичен и тежок за пробивање.

Поради исклучителното значење на Браната Речани за Кочани и поширокиот регион, денеска градилиштето го посети градоначалникот Љупчо Папазов, кој се интересираше за динамиката на изведување на работите и за евентуалните проблеми на градителите. Според него се работи за проект кој ќе го развие овој пасивен дел од општината, а ќе влијае и за остварување на повеќекратни бенефити со непроценлива вредност.

Според проектот насипот во долниот дел ќе е со широчина од осумдесетина метри, а на круната 30 метри. Огледалото, кога акумулацијата ќе се наполни со вода ќе достигне максимална должина од околу 4,5 километри, а акумулациониот капацитет е димензиониран на 22 милиони кубни метри вода.

Сподели: