Војводински интерес за оризот

ФИРМИ ОД ВОЈВОДИНА ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА КОЧАНСКИОТ ОРИЗ, КОЈ БИ ГО ПЛАСИРАЛЕ НА НИВНИТЕ ПАЗАРИ. БАРААТ СРЕДБА СО ЛОКАЛНИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ И ПРЕРАБОТУВАЧИ И ПРЕЗЕНТАЦИЈА, КАКО ПРЕДУСЛОВ ЗА ЕВЕНТУАЛНИ КОНКРЕТНИ ИЗВОЗНО-УВОЗНИ ДОГОВОРИ.

За почетокот на наредната седмица се заговара деловна средба на стопанственици од Војводина со градоначалникот Љупчо Папазов и производители и преработувачи на ориз, кој би се одржал во Кочани. На состанокот ќе се промовира кочанскиот ориз, за кој се заинтересирани гостите од некогашната братска покраина, и ќе се разгледаат можностите за воспоставување долгорочна соработка во сферата на прометот со кочанското бело злато.

Овој интерес доаѓа во вистинско време, кога домашните производители и откупувачи мака мачат околу пласманот на произведениот вишок. Иако договарањата околу евентуални количини и цените допрва ќе престојат, за очекување е дека бизнисмените од Војводина имаат сознанија за квалитетите на кочанскиот ориз и дека ќе настојуваат да го понудат на нивните пазари.

Во секој случај останува да се види какви се размилувањата и плановите на војводинските бизнисмени, и колку тие ќе ја подотворат вратата за извоз на кочанскиот ориз, кој можеби е на пат да се врати на некогашните ЈУ пазари.

Сподели: